October 5, 2022 14:47
Балкан

Брнабиќ: Србија смета дека Тајван е дел од Кина

Премиерката во заминување на Србија, која вечера поднесе и оставка од функцијата пратеник во актуелниот парламентарен состав Ана Брнабиќ, вели дека нејзината земја ја поддржува политиката на „една Кина“ и го смета Тајван за нејзин дел.

-Таа позиција нема да се промени, рече Брнабиќ на средбата со кинескиот амбасадор во земјата, Чен Бо. Кинескиот амбасадор се заблагодарил на Србија за конзистентниот став и поддршката за Кина во ова прашање, соопштија од кабинетот на премиерката.

Бо додаде дека Србија се уште може да смета на континуираната поддршка од Кина на меѓународно ниво, но и на развој и подобрување на стратегијата во зелениот сектор, енергетскиот сектор, биотехнологијата и развојот на нови технологии, пренесува српски Н1.

На средбата се разговараше и за продолжување на развојот на економските и политичките односи.

Брнабиќ соопшти дека трговската размена меѓу Србија и Кина во 2021 година изнесувала 5,3 милиони американски долари, при што извозот на Србија пораснал за 157,7 отсто. Наведено е дека за пет месеци од годинава размената била 2,62 милијарди долари, што е за речиси 40 отсто повеќе во споредба со лани. Раст е забележан и кај извозот.

Српската премиерка рече дека во 2021 година Кина била втор најголем надворешно трговски партнер на Србија. „Од петте најголеми српски извозници минатата година, три компании се во сопственост на кинески инвеститори, кои оствариле вкупен извоз од 1,9 милијарди евра“, рече таа.

Брнабиќ изјави дека е задоволна од обновувањето на директниот лет Белград-Пекинг, како и од планираните летови на Ер Србија на крајот на октомври.