September 26, 2022 18:05
Балкан

Борел: ЕУ инсистира што е можно поскоро да се формира ЗСО, но нема можност да го „натера“ Косово

Европската Унија инсистира на тоа дека Приштина мора што поскоро да формира Заедница на српски општини (ССО), во согласност со Бриселскиот договор од 2013 година, но нема можност да го „натера“ Косово на тоа, изјави шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел, одговарајќи на пратеничко прашање „што ќе направи по повод одбивањето на Косово да формира ЗСО“, јави дописникот на МИА од Белград.

– Основањето на Асоцијација/Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО) беше договорено од двете страни, Косово и Србија, во Бриселскиот договор од 2013 година. Договорот беше ратификуван од косовскиот Парламент и Косово треба да ја исполни својата законска обврска и да го спроведе без одлагање. Двете страни треба да ги исполнат сите свои меѓународни правни обврски и да ги спроведат договорите што чекаат, како и да вложат дополнителни значајни напори за постигнување сеопфатен правно обврзувачки договор за нормализација на односите, што е од клучно значење за нивниот европски пат, се наведува во писмената реакција на Борел.

Потпретседателот на Европската комисија и шеф на службата за надворешни работи на ЕУ додаде дека „задоволувањето на потребите на малцинската српска заедница во Косово е од големо значење за ЕУ во Косово“ и дека Брисел внимателно го следи развојот на ситуацијата во овие области.

– ЕУ придава големо значење на владеењето на правото, заштитата на основните права и слободи, вклучувајќи ги правата и верските слободи на малцинските заедници и внимателно ги следи сите случувања во овие области на Косово, додаде Борел.

Унијата во повеќе наврати наведе дека немаат механизми да ги „присилат“ двете страни да ги почитуваат потпишаните договори, туку само да ги потсетуваат на ова, но и дека во согласност со исполнувањето на обврските, и Косово и Србија ќе напредуваат на нивниот пат кон ЕУ.

Постигнувањето сеопфатен правно обврзувачки договор меѓу двете страни останува непроменет услов за влез во Европската унија.