October 5, 2022 14:03
Македонија

Благодатна архиерејска Евхаристија во Бигорски манастир по повод денешниот празник на неколку светители

По повод денешниот празник посветен на неколку светители во Бигорскиот манастир беше одржана благодатна архиерејска Евхаристија.
– Денеска нашата Црква го слави споменот на неколку славни Светии и наши патодовители: Великомаченикот и целебник Пантелејмон и омилените наши Рамноапостоли, Светите Седмочисленици Кирил, Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, блескавите просветители и учители словенски, велат од манастирот.
Додаваат дека за овој божји храм овој ден е посебен зашто тука се чуваат дел од моштите на светите и чудотворни мошти на Светите Пантелејмон и Климент Охридски.
– За Бигорската Обител, овој ден е торжествен празник, затоа што, од една страна, таа е нивно непосредно духовно наследство, а од друга, во неа со посебна чест и грижа се пазат дел од светите и чудотворни мошти на Светите чудотворци Пантелејмон и Климент Охридски. Тоа свештено достоинство на нашата Света обител денеска беше преточено во свечена и благодатна архиерејска Евхаристија што ја тајноводеше нашиот возљубен и светителољубив старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, посочуваат од манастирот.
Според нив, Владиката Партениј негува посебна почит и приврзаност кон светлите ликови на Великомаченикот и на Светите Седмочисленици.
-Затоа, празничното богослужение навистина изразуваше една благодатна пловидба во земјата на светиите, откај што духовно збогатени и одморени, го славословевме едното Божество во три ипостаси, непристапно по суштина, а причесно по нетварните енергии, кому му прилега слава, чест и поклонение,  нагласуваат од Бигорскиот манастир.