October 1, 2022 19:12
Скопје

Бес советницие од СДСМ и ГРОМ изгласана забрана за изградба на 28-катницата кај „Букурешт“

На денешната седница на Советот на Општина Карпош, каде не присуствуваа советниците од редовите на СДСМ и ГРОМ, беше изгласана предлог одлуката против висококатницата во Карпош.

„Предлог – одлуката за задолжување на градоначалникот и Општината да стопираат со издавање на градежни дозволи и забрана за започнување на градба и ревизија на ДУП за градска четврт 3 05 блок 8 во Општина Карпош или (28 – катницата во Карпош), што според Стевче нема да биде 28 катница, ама ќе биде висококатница со неколку ката повеќе или помалку, денес е изгласана со мнозинство гласови од членовите на Советот или конкретно од Левица, Независните и ДПМНЕ, Напиша Ивана Стоименовска, Советник во Општина Карпош.

Со оваа одлука се задолжува Градоначалникот и соодветниот општински сектор да го стопираат издавањето на градежни дозволи и забрана за отпочнување на градба на просторот што го опфаќа ДУП за Градска четврт З 05 Блок 08, како и изготвување на стручен елаборат за суспензија на применувањето за блок 08 од ДУП за градска четврт 3 05 помеѓу бул.Илинден, бул. 8 Септемри, бул.Партизански одреди и ул.Љубљанска, донесен со одлука на Совет 07-7546/4 од 06.11.2013, Општина Карпош, со цел спроведување ревизија за истиот.

-Ова е нов пораз на урбанистичката мафија во Општина Карпош. Истовремено, жалам што зад интересите на карпошани не застанаа советниците од редовите на СДСМ и ГРОМ, со што практично ги прекршија своите предизборни ветувања дека ќе работат во интересите на жителите на Општината, изјави координаторот на советничката група на Левица, Мартин Димоски.

За разлика од него, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, пак, вели дека одлуката ниту ќе ја објават во „Службен гласник“ ниту, пак, овие советници можат да го прават тоа што прават.

– Не може да се носи одлука спротивна на закон. Нивната концепција е да се оневозможи да се донесе ниту еден план. Карпош во моментов како да е во 1945 година, без урбанистички планови, а тоа значи дека луѓето не можат ниту да надградат ниту, пак, да доградат. Се работи за сериозен проблем – тврди Јакимовски и додава дека таму каде што има урбанистички план, тие настојуваат да го урнат на Уставен суд, а таму каде што не можат да ги урнат, се обврзуваат да прават ревизии за да го запрат Карпош.