September 28, 2022 14:03
Економија

Анкетата на НБ: Застапеноста на жените во надзорните одбори на банките под 25 проценти

Членовите на надзорните одбори во банките покажуваат релативно високи познавања за својата улога во целиот процес на корпоративно управување со банките. Најголем дел од испитаниците сметаат дека нема потреба од измени на поставеноста на регулативата за добро корпоративно управување и регулативата за управување со ризиците. Повеќе од половина од испитаниците се изјаснуваат дека банката има стратегија за дигитализација. Дел посочуваат на потребата од поголема родова застапеност, со оглед на тоа дека застапеноста на жените во надзорните одбори е малку под 25%. Ова се дел од одговорите од Анкета за работењето на надзорните одбори на домашните банки што ја спроведе Народната банка со цел да се согледаат одредени аспекти поврзани со надлежностите и улогата на надзорните одбори, а којашто беше презентирана денес пред членови на надзорните и управните одбори на банките во земјата. Инаку, вакви анализи спроведуваат повеќе централни банки, вклучувајчи ја и Европската централна банка.

Ефикасното корпоративно управување на банките е основен предуслов за стабилноста на банкарскиот систем. Тоа го потврдуваат и податоците за банкарскиот систем, кои покажуваат дека солвентноста, ликвидноста и квалитетот на кредитното портфолио на вкупниот банкарски систем во континуитет се одржуваат на стабилно и солидно ниво. Согласно со првичните податоци со крајот на јуни, стапката на адекватност на капиталот изнесува 17,3%, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансискиот сектор е ниско и изнесува 3,2%. Показателите за ликвидноста и натаму се на задоволително ниво и упатуваат на соодветно управување на банките со ликвидносниот ризик.

Одговорите на Анкетата покажуваат висок степен на запознаеност на членовите на надзорните одбори со барањата на регулативата за корпоративното управување и регулативата за управување со ризиците, постапувањето во случаите на постоење судир на интереси и политиката на наградување. Исто така, од одговорите на Анкетата може да се согледа дека значаен дел од членовите на надзорните одбори немаат дополнителен ангажман во други институции или имаат дополнителен ангажман во обем којшто не ја нарушува нивната способност да можат да посветат доволно време во извршувањето на обврските коишто произлегуваат од членството во надзорниот одбор.

Повеќе од половина од испитаниците се изјаснуваат дека банката има стратегија за дигитализација, што значи дека банките го следат трендот на дигитализација на финансиските услуги, кој особено се засили со појавата на пандемијата. Сепак, според одговорите на испитаниците, дигитализацијата на финансиските услуги и ЕУ регулативата се посочуваат како области за кои тие имаат потреба од дополнителни познавања. Најголем дел од испитаниците сметаат дека во наредниот среднорочен период би преовладувале ризиците поврзани со КОВИД-кризата и ризиците од макроекономското окружување.