August 8, 2022 17:35
Скопје

Активности за чистење на Транспортен центар и кејот на Вардар

ЈП Комунална хигиена – Скопје спроведе активности за чистење на Транспортниот центар под Железничката станица во Скопје, каде што биле отстранети приближно 10 метри кубни отпад од диви депонии.

Воедно, како што информираат од Јавното претпријатие, во организација на Градот Скопје се одвива акција за генерално чистење на кејот на реката Вардар, во која учествуваат сите јавни градски претпријатија. Во рамките на акцијата се реализира чистење на пешачките и велосипедските патеки, како и рачно миење на целокупниот простор на кејот.

Од ЈП Комунална хигиена – Скопје соопштуваат дека повторно се соочуваат со опожарување на садовите наменети за одлагање на отпадот.

-Во текот на вчерашниот ден, беа опожарени два контејнера со зафатнина од 3,2 метри кубни, лоцирани на главната улица во општината Ѓорче Петров. Опожарените контејнери се целосно неупотребливи и веднаш беа заменети со нови садови, со цел да не дојде до нарушување на динамиката на одлагање и собирање на комуналниот отпад во оваа скопска општина, се вели во соопштението од ЈП Комунална хигиена – Скопје.