September 26, 2022 17:31
Македонија

Ќучук: Преговорите на С. Македонија со ЕУ ќе почнат по завршување на скринингот

Процесот на преговори меѓу ЕУ и Република Северна Македонија сè уште не е почнат бидејќи се чека да заврши скринингот, кој ќе потрае извесно време. Од бугарското искуство знаеме дека тоа трае од една и пол до две години и мора да се дадат оценките за тој скрининг, вели бугарскиот европратеник и известувач на Европскиот парламент за земјава, Илхан Ќучук, за софиската телевизија БТВ.

„Францускиот предлог дојде од ЕУ, беше прифатен со консензус од земјите членки на Унијата, но наиде на политичка поддршка и во Бугарија и во Северна Македонија. Отсега мораме да ги бараме опциите, ги има многу. Постигнатиот компромис треба да го гледаме како можност за подобрување на односите меѓу Софија и Скопје“, напиша тој на „Фејсбук“.

Ќучук додава дека Бугарија сака да биде партнер во добрососедските односи со сите земји од Западен Балкан, а минатото треба да служи за пример за подобра иднина, а не да биде причина за раздор.