October 6, 2022 13:18
Спорт

Јужна Кореја ја победи Данска и го освои СП за кадетки во Скопје

Јужна Кореја е сензационален победник на светскиот шампионат за ракометарки до 18 години што во изминатите 12 дена се одржуваше во Скопје, откако во денешното големо финале Корејките ја совладаа и селекцијата на Данска со резултат 31-28. Иако не беше вбројувана меѓу фаворитите во пресрет на шампионатот, оваа азиска репрезентација покажа извонреден ракометар и со беспрекорен брз напад наоѓаше начин да ги „меле“ противниците, од Германија во групната фаза, преку Шведска во четвртфиналето, Унгарија во полуфиналето и денеска Данска во мечот за титулата.

Дуелот беше суперинтересен, а на трибините се создаде одлична атмосфера од ракометарките од останатите селекции кои дојдоа во салата за да го проследат мечот за златото. Првото полувреме донесе бројни пресврти, Корејките поведоа со 6-3,потоа Данска се врати и имаше предност од 11-14, за Јужна Кореја до крајот на полувремето да стигне до израмнети 15-15. Пресудни беа последните 20 минути од големото финалето, во кое Корејките предводени од одличната голманка Ким направија солидна предност што знаеја како да ја задржат до самиот крај.

Претходно, со бронзениот медал се закити селекцијата на Унгарија, која се врати од „минус четири“ во второто полувреме и со пенал во последните секунди славеше со 27-26 над Холандија.