Search

(ВИДЕО) Царовска: Потребно е отворање засолништа за жртви на насилство

Царовска: Потребно е отворање засолништа за жртви на насилство

По ратификацијата на Истанбулската конвенција, во Македонија треба да се воспостават 25 засолништа за жртви на насилство, најмалку пет кризни центри за жртви на силување и најмалку три центри за жртви на сексуално насилство.

Треба да се отворат и повеќе од 20 советувалишни центри за кризна интервенција психолошко советување и бесплатна правна помош.

Сето ова, како што посочи министерката за труд и социјална политика Мила Царовска треба да придонесе за зголемување на можностите за справување со насилството врз жената.

Таа информира дека по ратификацијата на Истанбулската конвенција се подготвува Национален оперативен план со имплементација, кој ќе биде објавен наскоро откако ќе биде усвоен од Владата.

 

https://www.youtube.com/watch?v=SbNR3Fazzvo

 

Според неа, неопходна е едукација на вработените во центрите за социјална работа, министерствата за здравство и за внатрешни работи и на судиите и на јавните обвинители кои, како што рече, мора да го препознаат насилството и да го санкционираат согласно тежината на стореното дело. Ова, како што потенцира, се клучни промени кои следат за прифаќање на Истанбулската конвенција и интегрирање во нашето општество.

Министерот за здравство Венко Филипче информира дека на Катедрата за семејна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје минатата година биле обучени 60 здравствени работници за справување со оваа проблематика, а оти е предвидено овие обуки да продолжат и годинава во соработка со Граѓанската организација „ХЕРА“ и со Фондот за население на ОН.

– Во наредниот период здравствените работници ќе добијат и специјализирани обуки на тема „насилство врз жени“ и „клинички менаџмент на силување“. Министерството за здравство како еден од клучните чинители во оваа сфера подготвува и протокол за обезбедување сеофатен третман и нега при сексуално насилство, рече Филипче на настанот во организација на Канцеларијата на ОН во Македонија по повод Меѓународниот ден на жените.

Тој истакна дека Министерството за здравство во соработка со УНДП интензивно работи на воспоставување три центри за упатување на жртвите од сексуално насилство, согласно Истанбулската конвенција, еден на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и по еден во болниците во Куманово и во Тетово.

Тие целосно ќе бидат опремени и оспособени за пристап на лицата со физичка попреченост, како што пропишува оваа конвенција.

– Во трите центри здравствените работници ќе даваат услуги по стандардизирани оперативни процедури со кои ќе се превенираат многу животозагрозувачки и потенцијални компликации, а согласно на тоа ќе се спасуваат животи, рече Филипче, кој додаде дека во следните неколку години се планира да се отворат вакви центри насекаде низ Македонија.

 

Треба да знаете
Последни објави