Search

Пријава од Финансиската полиција против екс директор на Катастарот

Според пријавата тој е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување.

Управата за финансиска полиција до Основно јавно обвинителство Скопје поднесе Кривична пријава против С.Т поранешен директор на Агенцијата за катастар на недвижности, Е.Д.А вработена во АКН на работно место државен советник, Г.Г вработен во АКН на работно место државен советник и С.М вршител на работи во АКН врз основа на Договор за дело поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од Кривичниот законик.

Во соопштението на Финансиската полиција се наведува дека во текот на 2016 и 2017 година со намера да се стекнат со противправна имотна корист пријавените ја искористиле службената положба и овластување и без да склучат договор за ангажирање за давање на консултантски услуги со Агенцијата за катастар на недвижности на РМ како физички лица склучиле договори за извршување на консултатантски услуги со Републички геодетски завод Србија, Белград и врз основа на извршените консултантски услуги на трансакциските сметки на пријавените пристигнале парични средства од Народна банка Србија во вкупен износ 3.344.828,00 денари, за кој износ пријавените го оштетиле Буџетот на РМ.

За патувањата во Републичкиот геодетски завод во Србија пријавените отворале патни налози и пријавувале патни трошоци за бензин со користење службени возила, подигале дневници од девизна благајна и сето тоа на трошок на буџетот на Агенцијата за катастар на недвижности.

„Пријавените свесно и со однапред утврдена намера иако знаеле дека не постои договор за нивно ангажирање од АКН за извршување на консултантски услуги во Републички геодетски завод Србија, пријавените ја искористиле својата службена положба и на нивните трансакциски сметки противправно прибавиле вкупно 3.344.828,00 денари по основ на надоместок за консултантски услуги“, посочуваат од Финансиската полиција.

Додаваат дека и покрај тоа што за истите парични средства остварени како приход постои законска обврска да бидат уплатени на посебна самофинансирачка сметка на АКН со цел да се искористат за исплата на надворешни странски физички и правни стручни лица за консултантски услуги и обуки спроведени од нивна страна, а остатокот од остварените приходи по овој основ се користат за осовременување, унапредување на работата и опремување на Агенцијата за катастар на недвижности.

 

 

Треба да знаете
Последни објави