Search

Одбраната бара одложување на „Титаник“, СЈО против

 Одбраната на обвинетите во предметот „Титаник“ на почетокот од судењето што се одржува во новата зграда на Кривичниот суд, побара одложување на денешното рочиште за да извршат увид во доказниот материјал и да се подготват за главната расправа.

 

Одбраната бара судот да ги одложи и наредните три рочишта закажани за овој месец, а времето да биде искористено за увид во списите на предметот. Дел од адвокатите рекоа дека воопшто не добиле ЦД со доказни материјали.

Од СЈО, пак, се против и сметаат дека предлогот на одбраната е со цел да се одолговлечи постапката.

Обвинетите, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски и уште 20 лица, присуствуваат на денешното рочиште. Груевски го бранат шест адвокати: Дончо Наков, Стерјо Зиков, Димитар Дангопв, Сања Алексиќ, Боро Тасевски и Еленко Миланов.

Во „Титаник“,  што е прв случај обелоденет од СЈО, покрај Груевски, обвинети се и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.  

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.

Судија во „Титаник“ е Осман Шабани, а СЈО го застапуваат обвинителите Лиле Стефановска и Љубомир Лапе.

Треба да знаете
Последни објави