Search

Нимиц денес пристигна во Скопје, утре е на средби со државно-политичкиот врв

Нимиц денес пристигна во Скопје, утре е на средби со државно-политичкиот врв

Медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц, по посетата на Атина, денеска пристигна во Скопје на дводневни разговори со македонскиот државен врв.

Нимиц претпладнево беше во скопскиот хотел „Холидеј Ин“ со своите соработници, но не даде изјави за медиумите.

Изјава од медијаторот Метју Нимиц, како што информираат од МНР, е предвидена по неговата средба со министерот Димитров.

Официјалните средби со државно-политичкиот врв се закажани за утре. Како што најавија од Владата, во 10 часот утре медијаторот ќе биде примен од претседателот Ѓорѓе Иванов, еден час подоцна ќе има средба со премиерот Зоран Заев, а во 12 часот ќе има средби и со министерот за надворешни работи Никола Димитров. За во 12.45 часот е најавено дека медијаторот ќе даде изјава по средбата со Димитров.

Попладнето, во 15 часот Нимиц ќе се сретне со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а потоа и со претседателот на ДУИ Али Ахмети.

Нимиц, вчера, по средбата со министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас, изјави дека постои моментум и оти е време за носење одлуки. На средбата двајцата разговарале за идеите кои медијаторот ги достави пред две седмици, ги слушнал позициите на владата и оцени дека грчката Влада е искрена и активна во решавањето на проблемот.

– Мислам дека постои моментум тука. Чекањето нема смисла тука, нема смисла кај северниот сосед, генерално нема смисла. Разговараме за ова прашање 25 години, сите знаат кои се прашањата. Време е за носење одлуки и мислам дека сме тука, рече медијаторот по средбата со Коѕијас, без да даде конкретен временски рок, потенцирајќи дека во следните седмици ќе има разговори и потоа ќе треба одново да се процени ситуацијата, јави дописникот на МИА од Атина.

Во изјава за медиумите, тој не сакаше да ги открие неговите идеи и предлози, велејќи дека не е добра идеја да коментира што предложил. Посочи дека во медиумите протекоа некои од идеите, но нагласи оти јавно засега не може да зборува за тоа.

Во меѓувреме, шефот на грчката дипломатија, говорејќи за грчката државната телевизија ЕРТ, откри дека Грција кон средината на февруари ќе и достави на Македонија нацрт спогодба со четири точки – предлози за името, иредентизмот, меѓународни и регионални односи на Македонија и мерки за позитивна агенда. Тој, вчера, во однос на нацрт спогодбата, одговарајќи на прашањето на дописникот на МИА од Атина, посочи дека спогодбата нема да биде земи или остави и дека и другата страна ќе има можност да интервенира со свои предлози. Вели дека македонската страна е запознаена со идејата, меѓутоа содржината ја разработува Атина, додека пак за временскиот рок, кусо коментира „што е можно побргу“. За нацрт спогодбата, пак, рекол дека го известил и медијаторот Нимиц.

Од кабинетот на шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, пак, за МИА изјавија дека во пресрет на посетета на специјалниот пратеник Нимиц, јавното соопштување крајни позиции може да го намали просторот за разговори.

„Од наша страна има добра волја за заемно прифатливо решение кое ќе ги почитува интересите, достоинството и идентитетот на двата народа. За да дојдеме до решение ќе биде нужна добра волја и од другата страна“, се наведува во реакцијата на македонското МНР за изјавата на Коѕијас. 

Треба да знаете
Последни објави