Search

Нека се роди детето само ако е машко: Родителите во Индија не сакаат женски деца, моментално има 21 милион „непосакувани“ девојчиња

Се чини како времето да застанало во Индија. Кога станува збор за новороденчињата, во најдобар случај жените раѓаат деца се додека не добијат машко дете, а во најлош, ги абортираат девојчињата или воопшто не се грижат за нив.

Желбата на родителите во Индија да имаат синови наместо ќерки „произведе“ дури 21 милион „непосакувани“ девојчиња, се проценува во најновиот извештај на индиската влада. Извештајот на министерството за финасии утврди дека многу парови одлучуваат да имаат уште деца, се додека не им се роди син.

Авторите на студијата, таквата пракса ја нарекле „суптилен облик“ на фаворизирање на синовите, додека непосакуваниот пол – женскиот, често се абортира. Фаворизирањето на момчињата „е прашање за кое што индиското општество треба да размисли“, сметаат тие.

Авторите исто така утврдиле дека кај индиската популација „недостасуваат“ 63 милиони жени, затоа што наклонетоста кон синовите резултирала со голем број на абортирања. Тестовите за утврдување на полот на фетусот во Индија се илегални, но сепак се уште се практикуваат масовно.

Поради фаворизирањето на машките деца, некои медиуми во Индија дури и објавиле листа на научно невтемелени препораки како да се зачне машко дете. Се препорачувало паровите да имаат односи во текот на одредени денови од седмицата или препораки дека потребно е да се спие свртен спротивно од западната страна.

Истражувањето открило дека индиските држави во кои што наклонетоста кон раѓањето на синови е најизразено се Пунџаб и Харјана. Авторите на студијата заклучиле дека во овие држави на 1200 момчиња до седум годишна возраст има по 1000 девојчиња.

Треба да знаете
Последни објави