Search

Манчевски и Арслан разговараа за трет мобилен оператор во Македонија

Манчевски и Арслан разговараа за трет мобилен оператор во Македонија

Создавањето услови за трет мобилен оператор во Македонија и искуствата на Турција во оваа област, биле тема на денешната средба на македонскиот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски со турскиот министер за транспорт, морепловство и комуникации Ахмет Арслан.

На средбата со Арслан, одржана во тек на Светскиот мобилен конгрес во Барселона, Манчевски ги презентирал заложбите на МИОА во делот на дигитализацијата на администрацијата, зголемување на бројот на е-услуги и подготовката на оперативниот план за широкопојасен интернет. 

Министерот Манчевски учествува на Светскиот мобилен конгрес со цел разговори за создавање услови за трет мобилен оператор во Македонија, како единствена држава во Европа со помалку од три оператори, соопшти Министерството за информатичко општество и администрација на РМ.

Како што најави неодамна Манчевски, Владата почнува да создава  услови за трет мобилен мрежен оператор, за што се потребни сет мерки, напори и измени на подзаконски акти.

– Сите тие активности ќе бидат правени паралелно со напорите да не ја нарушиме конкурентноста на пазарот, односно на останатите два постоечки оператора во државата. Крајната цел е, подобри услуги за граѓаните со пониски цени,  рече Манчевски.

Прогнозите се дека процесот, кој според најавите ќе се води централизирано од  ИКТ Советот, би завршил за околу две години.

Размислувањата се на заинтересираните компании да им се понуди постоечката мрежна инфраструктура што ја има Македонија со оглед дека нови инвестиции во ваков вид дејност се исплатливи за многу долг рок од 12 години. Тоа значи можност за изнајмување под одредени услови на мрежната инфрастурктура на компании како што се МЕПСО, Македоноски железници и Македонска радиодифузија.

Треба да знаете
Последни објави