Search

Јуве во Мадрид ќе се надева да заврши како Рома, Баерн ја пречекува Севиља

После синоќашните реванши во рамките на четвртфиналето од Лигата на шампионите, Рома и Ливерпул се првите патници во полуфиналето, а кој ќе се најде со нив во ждребот, ќе дознаеме вечерва откако ќе се одиграат и преостанатите два реванш натпревари помеѓу Реал Мадрид и Јувентус, односно Баерн Минхен и Севиља.

 

Синоќа можевме да бидеме сведоци на една од најголемите сензации во историјата на ова натпреварување, но и на фудбалот како спорт.

Имено, Рома после поразот од 4:1 во Барселона, успеа на свој терен да  ја надополни предноста од три гола на Каталонците и со победа од 3:0 да избори пласман во полуфиналето.

Во второто четвртфинале, после драматично прво полувреме, Ливерпул успеа да направи пресврт против Манчестер Сити (2:1), и со вкупни 5:1 да помине во полуфиналето.

Јуве ќе се надева на чудо во Мадрид

За разлика од синоќашните натпревари во кои домаќините се обидуваа да го надополнат заостатокот, вечерва гостите ќе имаат таква улога. Посебно тешка задача има Јувентус кој мора да постигне минимално три погодоци во Мадрид, ако сака да има било какви шанси за пласман во полуфиналето, откако во првиот меч беа поразени на свој терен со 3:0.

Најголем хендикеп за Јуве ќе биде неиграњето на Дибала кој доби црвен картон во првиот натпревар. Сепак, шампионот на Италија се надева на чудо, а како пример дека се е возможно може да им послужи Рома која синоќа ја засрами Барса.

„Во фудбалот и во животот никогаш ништо не се знае. Да одиграме добар натпревар е нешто што би било добро и за следната сезона“, изјави Киелини пред овој дуел.

Од друга страна, Реал Мадрид можеби во Ла Лига не е на посакуваното ниво, но во Лигата на шампионите продолжува со брилијантните партии. Под водство на Зидан, Галактикосите се уште немаат почувствувано како е да се биде елиминиран од ова натпреварување.

„Победата со резултат од 3:0 не менува ништо за нас. Ова е друг натпревар и што се случило веќе поминало. Претходниот меч беше добар, но пред нас е уште работа во овој двомеч“, изјави Зидан.

Баерн на свој терен ќе ја пречека Севиља

Баерн е на чекор од своето седмо полуфинале во последните девет години во Лигата на шампионите, откако во гости славеше со резултат од 2:1 против Севиља.

Сепак, Севиља во осминафиналето го елиминираше Јунајтед со победа на гостински терен и покажа дека може да биде незгоден противник, па првакот на Германија мора да биде внимателен, а тоа го знае и Ариен Робен.

„Мораме да бидеме внимателни. Сите зборуваат за полуфинале, но дури кога ќе победиме ќе можеме да зборуваме за тоа. Севиља одработи фантастична работа во Манчестер и ние знаеме дека мораме да се покажеме во овој меч“, истакна Робен.

Сепак, Севиља после победата над Јунајтед нанижа четири меча без победа во сите натпреварувања, а изминатиот викенд претрпе тежок пораз и од Селта Виго (4:0).

Сепак, тренерот на Севиља Монтела верува во изненадување.

„Невозможните работи можат да станат возможни ако верувате во нив, а јас се уште верувам“, изјави Монтела.

Реваншите од овие два четвртфинални натпревари се на програмата денеска со почеток од 20:45 часот.

Треба да знаете
Последни објави