Search

Иванов би удрил вето на законот за јазици

Иванов би удрил вето на законот за јазици

Претседателот Иванов би можел да го искористи своето право на вето за законот за јазици кој се уште е во собраниска процедура односно, помина во првата фаза на читање, а сега ќе се чека мислење од Венецијанската комисија, а потоа ќе се разгледуваат и предложените амандмани од пратениците со што се очекува дебатата да продолжи да трае пред да се формира конечното предлог законско решение.

Иванов при средбата со албанскиот претседател Илир Мета посочи дека ја следи целата дебата околу законот за употреба на јазиците и истакна дека ќе стави потпис единствено доколку истиот е во согласност со Уставот на Република Македонија. Претседателот има дискреционо право на употреба на инструментот вето и нема поголеми причини да објаснува пред пратеници зошто ја донел таквата одлука. 

Конечната одлука претседателот Иванов ќе ја донесе откако ќе биде готово законското решение за употреба на јазиците и изгласано со мнозинство пратеници. Доколку тој активира вето потоа законот се враќа во собраниска процедура и за повторно да се донесе потребно е двотретинско мнозинство. Засега најголеми противници на законот се ВМРО-ДПМНЕ кои обвинуваат дека со законот Македонија ќе стане држава со втор службен албански јазик и двојазичност на целата територија.

Да потсетиме дека последен пат вето во Македонија од еден претседател е искористено од страна на Бранко Црвенковски кој стави вето на предлог законот за надворешни работи бидејќи сметаше дека промените се противуставни и ги нарушуваат неговите ингеренции. Опозицијата едно време од него бараше да стави вето и на предлогот за изучување на веронаука но, тоа го стори Уставниот суд со оценка дека се нарушува секуларноста.

 

превземено www.faktor.mk

Треба да знаете
Последни објави