Search

Собранието ќе ги врати парите што нема да ги искористи за кампањата

Владата му префрлила 80 милиони денари на Собранието за кампањата за референдумот, но финансиите наменети за 41 отсто од пратениците ќе бидат неискористени и не може да се пренаменат, информираат од Собранието на Република Македонија.

Во соопштението се наведува дека по барањето на Собранието за одобрување на финансиски средства за кампањата за референдумот што ќе се спроведува од овластениот предлагач на Одлуката за референдум, Владата алоцираше средства во висина од 80 милиони денари, префрлени на посебната наменска сметка на Собранието на Република Македонија, која ќе се користи исклучиво за спроведување на кампањата за референдум.

„Алоцираните финансии исклучиво ќе бидат користени само за намената за која се распределени средствата, односно за кампањата којашто ќе биде спроведена од страна на 71 пратеник коишто се изјасниле дека се во коалицијата ЗА референдумот, што претставува 59 отсто од времето за повластено платено рекламирање во медиумите“, се наведува во соопштението.

Од кабинетот на претседателот на Собранието, информираат дека остатокот од алоцираните финансии за референдумска кампања, односно финансиите наменети за 41 отсто од пратениците коишто во писмото до претседателот на Собранието се изјаснија дека бараат средствата за кампања да се пренаменат за други цели, истите не може да се пренаменат за други цели, односно истите ќе останат неискористени.

„Собранието како корисник на средствата, има обврска, по завршувањето на кампањата да изготви извештај за потрошените средства и неискористените финансии ќе бидат веднаш вратени во Буџетот на Република Македонија“, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара од претседателот на Собранието парите за кампањата предвидени за нив да бидат искористени за проекти во образованието, земјоделството, одбраната…

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска имаше редовна средба со координаторите на пратеничките групи со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ. Собранието ќе има активности до петок, а веќе за од понеделник се најавува старт на пратеничката кампања за референдумот, кој е закажан за 30 септември.

Треба да знаете
Последни објави