Search

Сексуална експлоатација, доминатна форма на трговија со луѓе во Македонија

Сексуална експлоатација, доминатна форма на трговија со луѓе во Македонија

Доминантна форма на трговија со луѓе во Македонија е сексуалната експлоатација, но постојат и случаи на принудна работа и принудни малолетнички бракови. Во текот на оваа година идентификувани се седум жртви на трговија со луѓе, а од нив мнозинството се деца до 14 години. Сите седум жртви се од женски род.

Во 2018 се идентификувани и 76 потенцијални жртви на трговија со луѓе и 172 ранливи лица, кои се упатени на добивање соодветна помош и поддршка до релеватните институции.

Овие податоци ги соопшти денеска Јована Тренчевска, државна секретарка во Министерството за труд и социјална политика на прес-конференцијата, на која со информативна кампања и презентација на спотот „Стапица е!“ се означи почетокот на одбележувањето на Европскиот ден во борба против трговијата со луѓе, со цел јакнење на свеста за опасностите и ризиците, кои со себе ги носи овој вид криминал.

Информативната кампања се спроведува во рамки на проектна активност, која е имплементирана од страна на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) со финансиска поддршка од страна на ЕУ и во партнерство со МВР и МТСП.

Тренчевска говореше за работата на петте мобилни тимови, поставени во Скопје, Куманово, Битола, Гевгелија и Тетово, чија основна функција е идентификација на ранливите категории, вклучувајќи ги и жртвите на трговија со луѓе, а кои тесно соработуваат со  МВР, невладини организации и ИОМ.

Соња Божиновска Петрушевска, раководител на канцеларијата на ИОМ Скопје истакна дека трговијата со луѓе е есктремно профитабилен криминал, единствено трговците со оружје и дрога заработуваат повеќе. Додаде дека во глобални рамки трговијата со луѓе не се намалува, таа е во пораст.

Таа истакна дека позитивно е тоа што во глобални рамки земјите се повеќе ги подобруваат заштитните механизми за заштита на идентификувани жртви на трговија со луѓе.

– Потребно е да се работи на превенција, што се постигнува преку превентивни мерки, кои имаат за цел адресирање на сиромаштијата, на маргинализираноста, како и неиформираноста на луѓето, додаде таа.

Податоците на ИОМ од 2006 до 2016 за профилите на жртвите на кои им е пружена помош укажуваат дека кога станува збор за жртви на трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација доиминираат жените, кај жртви на трудова експлоатација доминираат мажите, но тука има и жени жртви, а кога станува збор за децата тие се ранливи на трговија поврзана со питачење и во комерцијално-сексуалниот, како и во делот на присилните бракови.

– Просечна врозраст на жртвите на трговија е околу 30 години, додека кај децата е околу 11. Жртвите се тргувани за период од две до две и пол години. Како механизми за контрола трговците со луѓе кај возрасните користат механизми како неисплаќање на платите, прекумерни часови на работа, немање пристап до медицинска заштита, до личните документи. Кај децата се лажните ветувања, измамите, физичката и психичката злоупотреба, нагласи Божиновска Петрушевска.

Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ нагласи дека трговијата со луѓе е криминал против човештвото.

– Секоја година илјадници деца, жени и мажи паѓаат во рацете на трговците во нивните земји. Секоја земја е погодена без разлика дали е транзитна или крајна дестинација, истакна тој.

Додаде дека спречувањето на трговијата со луѓе е едно од најголемите предизвици со кои се соочува светот денеска и напомена дека жртвите се најчесто најсиромашните и беспомошни членови на општеството.

Магдалена Несторовска, државен секретар во МВР и национален координатор за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција појасни дека во рамки на информативната кампања организирани се повеќе активности – едукативно превентивни работилници за ученици, трибини, фокус групи на студенти.

– Денес е 18 октомври, ама тоа е само еден ден од 365 дена. Македонија не е исклучок од оваа појава. Вистинската борба на една држава треба да биде континуиран, упорен, мултиинституционален напор и ангажман на сите во општеството, кој ќе трае сите 365 дена и ќе обезбеди адекватен модел на реакција, кој ќе биде приспособен на менувањето на појавната форма на трговијата со луѓе во светот, истакна таа.

Како успех во оваа сфера го спомена формирањето на националната единица, т.н. таск форсис, а следните цели се измена на Кривичниот законик од аспект на инкорпорирање на начелото на неказнување на жртвите на трговија со луѓе и носењето закон за обесштетување на жрвите на трговија со луѓе.

Треба да знаете
Последни објави