Search

Пратениците решаваат за НАТО и ЕУ

 Во Собранието на Република Македонија и денеска ќе продолжи седницата на која пратениците расправаат за утврдување на потребата од предлогот на Владата за уставни измени за имплементирање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција.

Пратениците од парламентарното мнозинство и опозицијата и вчера, на вториот ден од расправата, останаа на своите ставови „за“ и „против“ уставните измени.

За пратениците од ВМРО-ДПМНЕ договорот од Преспа е штетен и политички и правно мртов, а при неговото склучување имало  непочитување на претседателот и законските одредби од Уставот и Деловникот на Собранието, додека за парламентарното мнозинство не може да има подобар договор од овој и ако се отфрли на Македонија и се заканува долгогодишна изолација и стипирање на интеграцијата во НАТО и ЕУ.

Премиерот Зоран Заев рече дека процесот на преговори со Грција се водел најтранспарентно досега и за секој чекор бил информиран шефот на опозицијата, лидерите на поголемите политички партии и претседателот на државата, се до рамките со кои не се нарушувале преговарачките стратегии.

– Свесен сум дека немам 80 пратеници. Направив се што можев да направам за да имаме инклузивен процес. Носиме одлука да дадеме шанса да се отвори постапката, а на крајот не мора да ги гласаме уставните измени ако нешто е загрозувачки и тајно. Кој ни дал право јас и Димитров да изготвиме амандмани. Ние не смееме да чепнеме додека Парламентот не одобри, оти тогаш ќе ја силуваме демократијата и процедурата во  државата. Ветувам дека заедно ќе ги работиме со сите вас. Ако не се договориме имате право да не ги гласате, им порача Заев на пратениците.

Тој посочи дека Владата е само овластен предлагач на уставните амандмани и е задолжена од Комисијата ако тоа го прифати Парламентот во рок од 15 дена да изготви нацрт-амандмани. Тука сум како прв во Владата, рече, да потврдам дека заедно ќе седнеме да ги работиме амандманите.

– Не смееме да си дозволиме сами да објавиме амандмани. Ние сме само изработувачи на нацрт-амандмани и заедно ќе ги работиме ако треба и овде во Парламентот ќе доаѓаме од Владата за да го потврдиме идентитетот, македонскиот јазик – дали во постојните амандмани или ќе изработиме и петти амандман. Грција нема ништо против нашиот идентитет и нашиот јазик. Спремен сум да разговарам со грчката страна затоа што тоа не е спорно. Проблемот е во разграничувањето преку Северна, потенцира Заев.

Целта, како што кажа, е да се најде спогодба која ќе води кон пријателство и нема да остави нови траги за во иднина нови влади, македонски или грчки, да прават некои дополнителни непријатности.

– Сега само се утврдува потреба за отпочнување на уставни амандмани, ќе има понатаму гласање за нацртот, ќе имаме двотретинско гласање за уставните амандмани. Тоа е процес којшто ќе трае повеќе од 100 дена. Затоа сум спремен да седнам со сите вклучитело и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за да можеме да изградиме сценарио и консензус по ова прашање, посочи Заев.

Правдата и помирувањето не се исклучиви, тие се надополнуваат, рече вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, осврнувајќи се на пораката на премиерот Заев дека сега е момент за помирување.

– Тоа го ветивме и тоа го работиме, и покажуваме дека власта не е таа што одлучува како треба да функционира правната држава. Владата не се меша, ги почитува основните права, но во исто време поделена држава не е држава која оди напред, потенцира Шекеринска.

Нагласи дека од ослуката на Собранието ќе зависи и интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Претпристапните преговори и уставните измени, посочи се процеси кои се одвиваат паралелно.

– Јасно е дека одлуката што ќе ја донесе Собранието е одлука која де факто ќе пресуди дали Македонија ќе стане членка на НАТО во многу блиска иднина. И тоа секој пратеник во Собранието на Република Македонија треба да го знае, дека од секој од нив зависи дали Македонија ќе ја искористи оваа шанса. Доколку зборувавме за НАТО и ЕУ, сега е моментот тоа да го покажеме на дело. Секој од тие гласови ќе влијае дали Македонија ќе ја отвори вратата на НАТО, рече Шекеринска.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров истакна дека и најголемите противници на Договорот од Преспа во двете земји порано или подоцна ќе согледаат дека е единствениот пат за напред.

– Убеден сум дека со  успехот на овој процес и најголемите противници, некои порано, некои подоцна, но не многу долго, ќе видат дека ова е единствениот пат напред. Регионот е потонат во историјата и произведува премалку иднина, порача Димитров.

Со поддршка на Договорот со Грција и интергацијата на Македонија во НАТО и ЕУ, но и со критики до опозицијата за блокирање на процесот, вчера се огласи помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Вес Мичел. Тој му испратил писмо на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кое му порачува дека САД се разочарани од позициите на челниците на оваа партија, вклучувајќи го и него лично, како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот..

– Како што веќе разговаравме, Соединетите Држави силно веруваат дека Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција е историска можност за Македонија да обезбеди посветла иднина и да придонесе кон регионалната безбедност, стабилност и просперитет. И покрај тврдењата дека можел да се постигне некаков „подобар договор”, ние не веруваме дека тоа е можно. Овој договор бараше компромис и од двете страни. Тоа е прилика што веројатно нема да се повтори со години, ако не и со децении, вели Мичел во писмото.

Посочува дека уште од осамостојувањето на Македонија, граѓаните од сите заедници и партии, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ, силно го поддржуваат пристапувањето на земјата кон НАТО и кон ЕУ.

– Сега Собранието е на ред да го преземе следниот, одлучувачки чекор. Ве поттикнуваме да создадете простор, во јавноста и приватно, за пратениците од Вашата коалиција да одлучат како ќе гласаат за уставните промени, ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда. Ова е историски важен момент за Вашата земја, момент што бара храбро лидерство и зрелост, стои во писмото на помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Вес Мичел до Мицкоски.

Треба да знаете
Последни објави