Search

МЗТ Скопје ќе игра агресивна и фајтерска игра

МЗТ Скопје ќе игра агресивна и фајтерска игра

Во пресрет на утрешниот прв натпревар од АБА2-лигата, на домашен терен против словенечки Хелиос (19 часот), екипата на МЗТ Скопје Аеродром денеска одржа прес-конференција на која присуствуваа извршниот директор Тони Грнчаров, тренерот Ѓорѓи Кочов, капитенот Дамјан Стојановски како и хрватскиот интернационалец, Иве Иванов.

Прв на присутните новинари им се обрати Грнчаров, кој се обиде да го објасни насоките кон кои ќе се движи нашиот клуб во периодот кој следува.

„Направивме екипа која е спој на младост и искуство, која ќе игра агресивно и фајтерски, стил кој сакаме да го негуваме во екипите од сите возрасти. Згора на тоа, поголемиот дел од кошаркарите имаат повеќегодишни договори, што значи дека имаме база за развој бидејќи не сакаме секоја година да правиме нов тим. Нашите амбиции се високи во сите натпреварувања во кои настапуваме. Не бараме алиби во младите играчи во тимот, влегуваме со желба да ги освоиме домашните титули“, изјави Грнчаров.

Во сличен стил беше и изјавата на тренерот Ѓорѓи Кочов, кој е презадоволен од подготвителниот период и апелира до сите навивачи и фанови да дојдат утре во „Јане Сандански“ за да им помогнат на нивните миленици.

„Презадволен сум екипата и од фактот што го задржавме костурот во однос на минатата сезона.Додадовме четири странски засилувања, кои пред да ги донесеме најважно нешто што ми беше мене како тренер беше нивниот карактер. Функционираме добро, имаме услови не за АБА-лига, туку за Евролига. Кај народот се смета дека АБА2 е слаба. Меѓутоа, начинот на кој клубовите играат кошарка не е потценувачки. Нѐ чека тешка битка на два фронта, но имаме ростер за тоа. МЗТ презема ризик да вади играчи и да брка резултат.Младите играчи што ги имаме, се надевам дека ќе ги подигнеме на едно ниво. Можеби нема да бидат за АБА-лига, туку за македонската лига. Знаеме дека кошарката во изминатите години ни е стерилна, дека немаме извадено играчи, но ќе се бориме за тоа“, изјави Кочов.

тојановски, кој е кошаркар со најдолг стаж во нашиот клуб, потенцира дека е задоволен од подготовките и дека очекува добра сезона.

„Добро сме подготвени, а најважна ќе биде агресивноста во одбраната, која ќе ни го олесни нападот. Мора да бидеме на повисоко ниво, да го подобриме впечатокот од лани. Со побрза и поагресивна игра ќе дојдат и резулатите. Што се однесува до противникот, се ќе зависи од нас. Немаме доволно информации за Хелиос, но ќе мора да имаме добра одбрана и да бидеме пожртвувани на теренот. Тоа ќе биде клучниот дел ако сакаме да дојдеме до победа. Желба е да се отвори со триумф, а потоа ќе гледаме на другото понатаму“, изјави Стојановски.

Хрватот Иванов вели дека е среќен што е дојден во Македонија и тоа во голем клуб како МЗТ Скопје Аеродром.

„МЗТ е голем клуб и среќен сум што сум тука. Доаѓам од хрватската лига, но нема голема разлика со Македонија. Нѐ чека АБА-лигата и македонското првенство, каде што нема да биде воопшто лесно. Има добри екипи, добри играчи, нѐ чека тешка борба. АБА2 не е воопшто слаба лига, има добри и квалитетни екипи“, вели Иванов.

Билетите за утрешната средба против Хелиос се веќе пуштени во продажба и тоа по цена од 50 денари.

Треба да знаете
Последни објави