Search

Зекири: Толпата викаше „ќе ве убиеме сите“

 Пратеникот на СДСМ Мухамед Зекири, кој денеска сведочи за настаните од 27 април, рече дека бил во една од кабините за превод во галеријата на собранискиот прес-центар од каде слушнал како толпата извикува пцости и прашуваа, каде е Муки Зекири.

Сведочеше дека толпата викала „ќе ве убиеме сите“ и оти видел како пратениците Никола Тодоров и Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ дошле во прес-салата со намера да ги бранат колегите од СДСМ и ДУИ, но оти Тодоров бил истуркан од толпата, а Ѓорчев останал да ги брани.

По околу два часа ја чул првата шок бомба, а потоа уште две по што од страна на полицијата првично биле извлечени во галеријата на сала 4, а потоа во една од пратеничките канцеларии. Од таму преку собраниската гаража со полициски транспортер биле евакуирани во касарната во Ѓорче Петров од каде по евидентирањето биле пуштени дома.

Зеќири сведочеше и дека кога биле евакуирани во пратеничката канцеларија, Ѓорчев им рекол дека чул оти од другата страна на Вардар се собира толпа која сака да  дојде во Собранието и оти побарал да проверат дали е точно. Тие се јавиле кај свои пријатели и им рекле дека полицијата ја презела контролата во Собрание и оти се безбедни.

Се очекува денеска да биде сослушан и Петре Шилегов.

На рочиштето се присутни сите обвинети за настантите од 27 април.

Судењето ќе продолжи и утре со сослушување на пет сведоци, меѓу кои и премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На минатото рочиште сведочеа Дамјан Манчевски, Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски.

 

Треба да знаете
Последни објави