Search

Заев повтори: Да се помириме меѓу себе, Владата e отворена за амандмани од опозицијата

Заев повтори: Да се помириме меѓу себе, Владата e отворена за амандмани од опозицијата

Премиерот Зоран Заев во своето обраќање пред пратениците на почетокот на седницата на која на дневен ред е Предлогот за пристапување кон уставни измени, повика пратениците да гласаат за уставните измени за земјата да влезе во НАТО и во ЕУ и на помирување помеѓу политичките партии за насилствата во Собртанието од 27 април.

– Тежината на историската одлука и на одговорноста лежи врз плеќите на сите нас, но денес најголемата одговорност е во вашите раце. Секој пратеник денеска го има во рацете клучот на тој избор, клучот за историската одлука. Ги повикувам оние кои се уште се сомневаат кој е вистинскиот избор или ако мислат дека треба да се определат за оној другиот избор ако воопшто изолацијата и неизвесноста можат да бидат избор, ги повикувам тие што се двоумат да мислат и размислуваат оти нема повредно нешто за мислење, рече Заев пред пратениците повикувајќи ги да погледнат во иднината на генерациите.

Другиот избор, според него, ќе не фрли во изолација и неизвесна иднина, ќе ни донесе несигурност и сиромаштија и што ќе ни ги врати и со уште поголема жестина политичките трауми што ги  доживеаме сите овие 27 години независност, а посебно последните години.

Гласот за европската иднина на нашата заедничка земја Република Македонија, како што кажа, ќе ја однесе напред Република Македонија во полноправно членство во НАТО и во ЕУ.

– Сега треба да одлучите дали многу ќе добиеме или многу ќе изгубиме, рече премиерот посочувајќи дека пратениците треба да донесат државнички избор.

Повика политичките разлики и делби да бидат оставени надвор од законодавниот дом и пратениците да ја следат волјата на народот за подобар живот за секого, за напредна Македонија.

– Време е да ги тргнеме настрана партиските политички игри и да го издигнеме пред нас нашиот заеднички национален интерес. Ако некој во политичките партии не е подготвен за овој голем чекор и со тоа да излезе од темната сенка на сопственото минато, јас ја користам приликата да го повикам секој пратеник да го направи единствениот јасен логичен и одговорен избор за нашата иднина, рече Заев.

НАТО и ЕУ се ретка или можеби единствена работа што сите во Македонија не обединува.

Многу се поделивме политички пред се низ годините. Се омразивме, се закрвавивме, брат со брат не зборат заради пусти политички партии, заради однесување на поединци во политиката. Заради политиката поделено ни е премногу општеството по вертикала од Парламентот до општините и дури и до семјеството, како основна клетка во нашиот заеднички организам Македонија, рече Заев, според кого крајно време е да им се каже стоп на поделбите.

Премиерот кажа дека ова е одличен момент за помирување на пратениците и политичките партии за поделбите, кои кулминираа со насилството во Парламентот од 27 април.

– Ќе се испоубиевме пред очите на сите. Крвавите слики стигнаа до сите насекаде, а поделбите станаа најголеми се до граѓаните во сите села и градови. Еве прилика да си простиме. Да кажеме доста е. Да покажеме дека учиме од грешките и дека сме пред се луѓе, браќа и сестри, роднини и пријатели во нашата мала заедничка Македонија, рече Заев.

Прва мета и цел, како што рече, на “изманипулирани поединци“ бил тој.

– Сега навистина е одлична прилика застанувајќи заедно за иднината на Македонија, за нашите деца и сите деца што доаѓаат после нас да си простиме да се помириме. Нема подобра можност од ова кога си требаме еден на друг кога сме и потребни на државата наша и на нашиот народ. Одличен момент е да си простиме и да се помириме. Испраќам порака на помирување и простување за 27 април и настаните што се случија, рече премиерот.

Заев кажа дека ги повикува сите и власта и опозицијата да го направат тоа, и оти е знае дека тоа има политичка цена што е подготвен да ја плати.

– Нема друг начин да ни се помири нашиот народ ако прво ние овде не се помириме. Ајде да се издигнеме над нашите политички предрасуди и да се носиме со одговорноста, рече премиерот.

Одлуката на Парламентот, како што кажа, ја очекуваат и граѓаните и светот.

Заев рече дека Владата е подготвена да биде максимално отворена за предлози од опозицијата за амандманите и за прифаќање  на амандманите кои ќе ги намалат комплетно грижите на пратениците, а во исто време да не се противат на духот на Договорот од Преспа.

– Апелирам да ја извршите својата должност и обврска што ја  налага членот два од Законот за Собранието на РМ да донесете одлука како претставници на граѓаните и да одлучите според вашето сопствено уверување, ваше право и всушност ваша одговорност, како претставници на граѓаните да гласате  ослободени од политички притисок, истакна премиерот. Единствениот пат, додаде Заев, за Македонија е ЕУ и НАТО.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ пред гласањето за дневниот ред побара точката да биде симната бидејќи, како што кажа, ова прашање нема ниту изборен, ниту референдумски кредибилитет. За предлогот на Димовски гласаа 39 пратеници, а против беа 67.

Во својот говор пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека Владата со Договорот од Нивици излегла од својот мандат за прашањето за името, според него, произлегува од Резолуцијата од 2008 година.

– Собранието сега треба да констатира дека предлогот е неприфатлив и да се вратиме на документите од 2008 година, кои се последните релеватни од правен аспект, рече Димовски, кој потенцира дека ова не е вистинската патека по која тргнала Владата.

Алтернативи за решавање на ова прашање, кое е поврзано со влезот во НАТО и во ЕУ, според него, има.

– Никогаш не сакам да прифатам теза дека од кој било политички процес зависи живот или смрт. Ова е клучен момент, тоа се согласувам. Секој од нас присутен веројатно ќе го смета за најкрупна политичка одлука во која имал можност да учествува, но не смееме да се удираме во ѕид и да велиме дека нема друга алтернатива, дека нема друг пат надвор од ова, рече Димовски додавајќи дека правецот е НАТО и ЕУ. Разликата, како што кажа, е како да го постигнеме тоа.

Павле Богоевски, независен пратеник, дек од пратеничката група на СДСМ, смета дека незадоволството на ВМРО-ДПМНЕ произлегува од фактот дека некој друг го решил прашањето за името. Од говорницата му забележа на Димовски, дека зборува за алтернативи, но оти не кажува кои се тие, а цитираше и дел од програмата на опозициската партија во делот на референдумот за името.

Димовски реплицираше дека алтернативата е да се одземе легитимитетот на Владата бидејќи излезе од мандатот и да се побара членство во НАТО и во ЕУ до решавање на прашањето за името без право на глас.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев, ги повика пратениците од опозицијата дека има простор да го убедат раководството на ВМРО-ДПМНЕ и заеднички да биде донесена одлуката за уставни измени и за промена на името.

– Некој мора да поведе. Дојде моментот, имаме наместени коцки…рече Тунтев додавајќи дека тоа ќе и овозможи иднина на нашата државам просперитет и безбедност.

Пратеникот Артан Груби од ДУИ ги повика пратениците од опозицијата да ги поддржат уставните измени, споредувајќи го овој момент со моменти и личности кои биле запишани во историјата, како наши така и во светот.

– Затоа, имајќи ја предвид моќта во вашите раце, не сметајќи на партиски конформизам и калкулации, знаејќи ја важноста на моментот и одлуката, замислете ја вашата одлука со истата храброст на горенаведените и со ваша лична визија за утре. Предизвикајте го голиот популизам и незнаењето, одважете се на задачата и застанете на правилната прогресивна страна, истовремено и на историјата и на иднината, им порача Груби на своите колеги.

Ги повика, како што рече, да не се кријат позади народот бидејќи тие  се избрани да го предводат народот, а не да се водат од народот.

– Немојте да мислите на следните избори, мислете на следните генерации, бидете протагонисти, а не статисти, рече Груби.

Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ се согласи дека ова се историски моменти за државата и народот.

– Не можат 120 луѓе да одлучуваат за два милиона граѓани, за минатите и за идните генерации. Застапував став и јас и партијата дека за ова прашање мора да се оди на референдум и да се почитува волјата на граѓаните, рече Данев.

Посочи дека референдумот, според Уставот и законите, не беше успешен и тој нема да гласа против Уставот и волјата на граѓаните.

Му забележа на премиерот Заев дека нетранспарентно го водел процесот на договорање со Грција, без консултации со опозицијата со што се пропуштила можност за евентуален национален консензус.

– Овој процес не треба да заврши со предавници и патриоти, туку со почитување на Уставот и волјата на граѓаните, рече Данев.

Премиерот Заев реплицира дека секој чекор од разговорите бил споделен со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и со претседателот Ѓорге Иванов, за што, како што наведе, постојат и записници од кои дел излегоа и во јавноста.

Кажа дека иако излезноста на референдумот беше исполнета, тие што излегоа решија да дадат поддршка.

– НАТО и ЕУ не обединува сите. Да разсмислиме и да си подадеме рака, да испратиме порака до сите дека ова е вистинскиот момент, рече Заев.

Потпретседателот на Собранието Весел Мемеди ги повика пратениците да дадат поддршка за договорот со Грција и за уставните измени.

Мемеди рече дека е невозможно да се постигне подобар договор, што беше потврдено и од изјавите на меѓународните претставници.

– Македонија многу доцни, три децении не може да реши едно прашање кое од од животна важност. За тоа плаќа голема цена, а со натамошното пролонгирање цената ќе биде уште поголема. Тоа го сакаат деструктивните сили кои шират лаги, клевети, сакаат анархија и не и мислат добро на државата и сакаат анархија. За нив ниеден договор никогаш нема да биде доволно добар зашто ќе им ја скрати можноста за натамошно деструктивно функционирање и за остварување на личните интереси, истакна Мемеди.

 

Треба да знаете
Последни објави