Search

Заев најавува и петти амандман

Сега само се утврдува потреба за отпочнување на уставни измени, ќе има понатаму гласање за нацртот, ќе имаме двотретинско гласање за уставните амандмани. Тоа е процес којшто ќе трае повеќе од 100 дена.

Спремен сум да седнам со сите вклучително и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за да можеме да изградиме сценарио и консензус по ова прашање, рече премиерот Зоран Заев во попладневниот дел од денешната седница за уставните амандамани.

„Ние сме само изработувачи на нацрт-амандмани и заедно ќе ги работиме ако треба и овде во Парламентот ќе доаѓаме од Владата за да го потврдиме идентитетот, македонскиот јазик дали во постојните амандмани или ќе изработиме и петти амандман. Грција нема ништо против нашиот идентитет и нашиот јазик. Спремен сум да разговарам со грчката страна затоа што тоа не е спорно. Проблемот е во разграничувањето на Северна“, потенцира Заев.

Тој во реплика на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Елизабета Канческа-Милевска која зборуваше за постигнување национален консензус, рече дека било направено сè од страна на Владата за инклузивност во процесот.

Со предложените 4 уставни амандмани се предлага во целиот текст на Уставот пред Република Македонија да се додаде придавката северна, измени во преамбулата на Уставот со именување конкретни документи на АСНОМ заради усогласување со договорот со Грција и поцврста гаранција за трајноста на границите и дека Република Македонија нема територијални претензии и грижа за Македонците и дијаспората во странство, што ќе значи дека Републиката ќе се грижи за културните, економските и социјалните права на нејзините припадници во странство без да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Треба да знаете
Последни објави