Search

Груевски до Јанакиески: Да ни беа „Преспанците“, ќе победевме

На еден од разговорите помеѓу експремиерот Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески пуштен на денешното рочиште за случајот „Титаник“ се слуша како Јанакиески му ги соопштува прелиминарните резултати на Груевски од првиот изборен круг на локалните избори во 2013 година, каде констатира дека во општина Центар е лоша ситуацијата, односно дека водат на само две избирачки места во Капиштец.

„Треба да се прават неважечки ливчиња за да идеме во втор круг“, му вели Јанакиески на Груевски по што експремиерот констатира дека доколку биле гласовите од „Преспанците“ ќе поминеле многу подобро.

Експремиерот Груевски заедно со градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, исто така се обвинети дека противправно ваделе лични карти од општина Центар на жители на Пустец за потоа да ги однесат на гласање во Центар во наредните кругови од локалните избори во 2013 година.

Во случајот за изборни измами „Титаник“ обвинети се 21 лице, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

На денешното рочиште за случајот „Титаник“ беа пуштени 88 разговори. Преслушувањето на бомбите ќе продолжи на наредното рочиште закажано за 24 октомври.

Треба да знаете
Последни објави