Search

Град Скопје почна постапка за изградба на тунел под Кале 

Град Скопје почна постапка за изградба на тунел под Кале 

Градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција  со видеопрезентација го најави почетокот на постапката за проектирање на капиталниот градежен зафат „Тунелите под Кале“.

– Со подземни тунели под Кале и нов мост преку Вардар ги спојуваме двете страни на Скопје. Голем дел од планираните транзитни и градски магистрали во градот не се реализирани, што претставува сериозна тешкотија за нормално одвивање на сообраќајот. Продолжувањето на булеварот Свети Климент Охридски, со мост над реката Вардар, со тунел под Скопското кале и поврзување со булеварот Никола Карев (Пластичарска улица) ќе ја зголеми мобилноста и протокот на возила и ќе има позитивни еколошки ефекти од намалената емисија на гасови и бучава – рече Шилегов.

Според одредени анализи, секојдневно на мостот „Гоце Делчев“ транзитираат 80-90 илјади возила. Но, со ова решение ќе се растовари сообраќајот во западниот дел од градското подрачје. Оската југ-запад ќе стане пофункционална, а се очекува голем дел од возилата кои транзитираат кон северните делови на градот да се движат по новоизградената сообраќајница.

Шилегов објасни дека  постои можност за изведба на сообраќајницата во фази, и тоа:

– I фаза – булевар Свети Климент Охридски од пред раскрсницата со булеварот Илинден со изградба на мост и вијадукт до тунелот;

–  II фаза – тунелот како посебен;

– III фаза – булевар Свети Климент Охридски и раскрсница со булевар Никола Карев.

Целта на Град Скопје со овој проект е да го поврзе булеварот Свети Климент Охридски со Пластичарска улица во Чаир. Булеварот ќе биде издигнат на височина од шест до девет метри. Потоа, од зградата на Владата на РМ сообраќајот ќе се одвива по нов мост преку реката Вардар кој ќе биде долг 173 метри, а широк 20 метри, и ќе има четири сообраќајни ленти. Мостот ќе продолжува како вијадукт долг 262 метри се до влезот во тунелот под Калето.

Скопје за првпат ќе добие тунел долг 250 метри, а широк 20 метри. Од тунелот сообраќајот ќе продолжи на кружен тек издигнат пет метри, над Пластичарска улица.

Со овој проект Град Скопје го оформува вториот сообраќаен прстен во метрополата. Тоа ќе овозможи брз влез и излез на возилата од центарот и од северната страна на градот. Рутата ќе ја користат и автобусите на јавниот превоз.

– Со проектот „Тунели под Кале“ ставаме крај на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје. Го растоваруваме сообраќајот на Бит-Пазар, Цветан Димов и на мостот „Гоце Делчев“. До саканата дестинација ќе се стига за најмалку 5 до 20 минути побрзо за разлика од сега. Тоа придонесува за заштеда на време и на гориво, а намалениот обем на сообраќај значи и почист воздух во Скопје – нагласи денеска градоначалникот Шилегов.

 

 

Треба да знаете
Последни објави