Македонија

Ѓорчев во Вашингтон ги критикуваше владините политики

Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев за време на посетата на Вашингтон остварил средба со Вес Мичел – помошник секретар за Европа и евроазиски работи, како и неговиот заменик Метју Палмер, соопшти Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Воедно, Ѓорчев остварил средба со Џил Дитрих и Џошуа Луис од канцеларијата на Стејт департментот за Македонија.

За време на средбите Ѓорчев ги информирал соговорниците за актуелната политичка состојба во Македонија по референдумот што се одржа на 30-ти септември.

Ѓорчев истакнал дека македонските граѓани го поддржуваат членството на Македонија во ЕУ и НАТО, но немаат доверба во политиките на Зоран Заев и неговата влада, што, според Ѓорчев, се видело преку нискиот одѕив на референдумот.

Воедно, Ѓорчев посочил дека се полнеле кутии на повеќе избирачки места на референдумот. Како што соопшти партискиот центар за комуникации, тој истакнал дека во Македонија има проблеми со слободата на медиумите, политичкиот прогон, јавната безбедност и секојдневната нефункционалност на владините институции.

Во делот на економијата, Ѓорчев ги информирал соговорниците за влошените економски показатели и проекциите на ММФ дека Македонија ќе има убедливо најмал економски раст на Балканот.

Во делот на надворешната политика, Ѓорчев истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на стратешкото сојузништво со САД кое што го иницираше и потпиша токму владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2008 година.

Ѓорчев истакнал дека САД се партнер, пријател и сојузник на Македонија, а ВМРО-ДПМНЕ силно ги поддржува и промовира сојузништвото со САД како долгорочна позиција на партијата и на државата.

Related posts

Денови на водата: Активности во повеќе училишта во Скопје

24info

„А дали вие ја знаевте наредбата за апсење”го праша Бошкоски ,адвокатот Шврговски

24info

Вештаците денес ќе треба да го презентираат наодот за повредите на Села

24news